Успешна спасувачка акција: Извлечено лице кое паднало во бездна кај Ливадичко езеро

од Nikola Popovski
24 прегледи

Од ЦУК информираат дека директорот Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеле и координирале спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.

Информацијата за инцидентот првично била добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка било утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапил во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Сашко Лафчиски.

Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.

Во денешната спасувачка акција, голем придонес имаа и МВР/БЈБ во координација со СВР Тетово, со присуство на Помошник Началникот на СВР Тетово, Далибор Стојановски, и Одделот за Специјални полициски операции, односно припадници на ЕБР и САЕ ТИГАР.

-Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.

Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации, стои во соопштението на ЦУК.

Слични содржини