Уставен го укина членот 12 од Законот за номинирање стратешки партнер

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).

Во членот 12 меѓу другото е предвидено дека „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи, како што се наведува во соопштението од Судот, тоа е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

Подносители на иницијативите се Сојузот на синдикати на Македонија, СГИПРМ и Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец” од Штип.

И Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утрово во соопштение до медиумите потсетија дека мора да се зачуваат работниците и работничките права пропишани и загарантирани во Законот за работни односи и Колективните договори утврдени преку социјален дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите.

Слични содржини