Уставен суд: Ќе се плаќа услугата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво

од desk3
99 прегледи

 

Уставниот суд на денешната седница го укина став 7 од членот 35 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговски регистар и регистар на други правни лица, со кој се предвидува извршената услуга за упис на основање трговец поединец и трговско друштво преку системот за е-регистрација, регистрациониот агент да ја врши без надоместок и награда.

centralen_registar_na_rm

Подносителите во иницијативата, адвокати од Скопје и Тетово, акцент ставиле на тоа што регистрациониот агент треба да изврши услуга без да добие надоместок и награда.

Според меѓународните документи и Уставот правото на заработувачка, односно плата е есенцијално право на работникот кое нему и на неговото семејство му овозможува пристоен животен стандард.

Судот оцени дека во конкретниот случај со исклучувањето од правото на надоместок и награда на регистрациониот агент за извршената работа законодавецот ги надминал уставните овластувања, односно ги довел во прашање одредбите од Уставот и од меѓународните акти со кои се гарантира правото на соодветна заработувачка. Ова, како што велат од Судот, особено ако се има предвид дека давањето конкретни услуги спаѓа во корпусот на услуги што вообичаено ги даваат адвокатите и трговските друштва за што остваруваат соодветна награда. Притоа, законодавецот не пропишал дека наместо странката во чие име се дава услугата дека државата ќе му исплати награда на адвокатот, односно регистрациониот агент за стручната услуга што од него се бара да ја даде.

На денешната седница беше укинат и членот 61 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење.

Уставниот суд денеска ги отфрли иницијативите поднесени на член 69-а од Законот за високото образование и на член 137, став 1, точка 4 и член 144, став 4 од Законот за авторското право и сродните права, а не поведе постапка за член 10, став 2 во делот: „под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон“ од Законот за општата управна постапка.