Уставниот суд едногласно одлучи да ја отфрли иницијативата за уставноста на Преспанскиот договор. Оценето е дека Законот за ратификација на Договорот е во согласност со Уставот и останува дел од правниот поредок на државата. Ова денеска го обелодени претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Таа објасни дека во расправата за оваа инцијатива поголем дел од дискусијата се водеше за непотпишување на Указот од страна на претседателот на Републиката поред неговата должност.
Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор. И да се укине Законот за ратификација на Договорот, истиот останува во сила и произведува меѓународна правна обврска за државата, се додека не се измени, раскине или поништи согласно меѓународните правила за договорите меѓу земјите, објасни Кацарска.
Предметот беше формиран од иницијативите поднесени од Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Стив Ангеловски од Битола, Солза Грчева и Томе Тодоровски.
Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во грчкиот дел на Преспа го потпишаа владите на Македонија и Грција, според кој Република Македонија го менува своето име во Република Северна Македонија. Промената на името го решава проблемот со Грција, кој датира уште од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991.
Договорот беше потпишан по 27 години преговори со посредништво на Метју Нимиц, а овозможи Грција повторно да не стави вето на приемот на Македонија во НАТО. Грција се обврза дека нема да стави вето ни за приемот на Македонија во ЕУ. Вето за почеток на преговорите со ЕУ подоцна стави Бугарија.