Уставниот суд може да го укине членот со кој се повлечени помилувањата, но тие се незаконски, сметаат правниците

од Aleksandar Todeski
571 прегледи

Помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година повторно се актуелни, поради одлуката на Уставниот суд да го разгледа членот 11-а од Законот со кој Иванов ги повлече 56-те помилувања за поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се на обвинителна клупа за сериозни кривични дела кои произлегоа од незаконски прислушуваните разговори.

Шестмина од вкупно девет Уставни судии се изјаснија дека еднаш донесена, одлуката за помилување не може никогаш да биде повлечена. За разлика од нив, поранешниот пратеник Насер Збиери смета дека помилувањата се незаконски, бидејќи се базираат на член од Законот за помилување кој е укинат.

„И да го направат тоа, помилувањата се незаконски. Основите на помилувањата се укинати, тие не постојат во Законот. Нема законско решение, јас не знам кој му даде право на поранешниот претседател да помилува на тој начин бидејќи одредбата е укината токму од Уставниот суд“, рече Зибери за Локално и додаде дека доколку Уставниот суд го поништи членот според кој Иванов ја повлече одлуката, тоа ќе значи реторактивно укинување, со што помилувањето повторно ќе важи, но доколку го укинат, тоа би значело од денот на носењето на одлуката, со што ќе продолжат случаите кои ги отвори СЈО, а сега ги води ОЈО.

Спорната аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов наиде на гласна критика и протести од граѓаните. Во исто време, експертите и тогаш укажуваа дека помилувањето онакво какво што го стори Иванов не е законско, бидејќи членот 11 е укинат од 2009 година, а додадени се четири дела кои не може да бидат предмет на аболиција.

Уставниот суд по иницијатива од охридски адвокат ги укина измените и дополнувањата од 2009 година, но правниците се експлицитни дека тоа не значи враќање во сила на членот 11 од Законот за помилување.

Во меѓувреме, министерката за правда, Рената Дескоска побара Собранието да даде автентично толкување на членот 11-А од Законот за помилување.

Александар Тодески

Слични содржини