Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за Одлуката за донесување на ДУП од Советот на општина Центар од 18 јули 2014-та година. Основна причина поради што судот се одлучил за поведување постапка е дека оспорената Одлука не била донесена со потребно мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа.
Од Уставниот суд информираат дека ова е прва фаза кога Судот формално-правно изразува сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП-от, кој се однесува на Градска четврт Ј 07.
– Решението за поведување постапка ќе биде доставено на Општина Центар како доносител на актот и треба да се изјасни во одреден рок, по што советникот и судијата-известител ќе го напишат конечниот предлог кој треба да се разгледа и одлучи на седница на Уставниот суд, се наведува во соопштението од Уставниот суд.
На денешната седница на Уставниот суд биле ставени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за слободи и права.
Како што информираа, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020) во целина и посебно за член 15 став 5 во деловите: „како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“ и „и предлог законот од овој член“, став 6 во делот: „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и став 8: во делот „по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“, како и член 17 во делот: „ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.“ од истиот закон; и ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 6 од Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020).