Уставниот суд пресуди во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8.
„Голема одлука денеска во Уставниот суд. Надмината е и последната законска пречка за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за градежен договор со компанијата Бехтел – Енка. Голема благодарност до уставните судии за покажаниот професионализам, колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварување на големиот сон“, објави денеска првиот вицепремиер Артан Груби.
Иницијативата до Уставниот суд ја испрати Државната антикорупциска комисија, која оцени дека се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради преостанатите автопати од коридорите 8 и 10, а законското решение има правни празнини кои создаваат простор за субјективност, политичко влијание и тргување со моќ. Исто, е нејасно колку пари би ја чинела државата изградбата на сите тие патишта.