Уставните измени се сложено прашање, за Македонија е важно што би се случило по нив – рече Касами

Еден од лидерите на ВЛЕН: Во Софија во моментов немаме сигурен партнер за разговори за тоа што ќе се случи по уставните измени

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Фејсбук/Биљал Касами

„Со оглед на тоа што во Бугарија се закажани предвремени парламентарни избори и функционирањето на техничката извршна власт, нема со кого да се разговара за уставните измени и продолжувањето на процесот на европска интеграција“. Ова денес го рече еден од лидерите на ВЛЕН и  градоначалник на Општина Тетово, Биљал Касами запрашан за евроинтеграциите на Македонија и односот на власта кон ова прашање.

Според него, Владата е посветена на што поскоро спроведување на сите преземени обврски во областа на интеграцијата.

-Што се однесува до уставните измени, ова е малку посложено прашање бидејќи бара поинтензивен дијалог и со Брисел и со Софија. Знаеме дека во овој момент во Софија се подготвуваат за нови избори, па за жал немаме сигурен партнер со кого би разговарале што ќе се случи по уставните измени. Бидејќи за Македонија е важно што ќе се случи по уставните измени, што значи не само самите уставни измени и вклучувањето на бугарската заедница во Уставот“, изјавил Касами.

На прашањето на новинарите дали коалицијата ВЛЕН ќе прерасне во партија како што беше најавено, Касами одговорил дека ова е сложено прашање кое бара сложени решенија бидејќи се вклучени многу партии и движења.

„Сакаме новата концепција за организирање на ВЛЕН да ги вклучи сите политички структури, но и таа политичка структура да биде отворена за сите други политички и општествени актери кои се заинтересирани да бидат дел од ова политичко движење. Секојдневно интензивно работиме на наоѓање креативни решенија кои не само што ќе го организираат ВЛЕН во рамките на овие политички субјекти кои моментално се дел од него, туку ќе бидат и отвор за сите други кои би сакале да бидат дел од ВЛЕН во иднина“, кажал еден од лидерите на ВЛЕН.