Уставните измени за две недели во Собрание – наесен нема да има избори, порача Ковачевски

од Nikola Popovski
421 прегледи

Во текот на следните две недели измените на Уставот ќе бидат доставени до Собранието за да започне процедурата во законодавниот дом на земјата, изјави премиерот на државата Димитар Ковачевски.

„Кога ќе се разгледаат измените на Уставот од страна на Владата, тие ќе бидат јавно објавени, а потоа сите граѓани ќе можат да се уверат дека се работи за технички измени кои не менуваат нешто што веќе е факт на Уставот. Според најголемите експерти во државата, во уставот дополнително ќе се вметнат и делови од други народи кои живеат во државата“, рече Ковачевски, кој не одговори конкретно на прашањето дали имал средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дали има поддршка за гласањето, за кое е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот.

На прашањето дали ќе има предвремени избори доколку не се изгласаат овие измени, тој појасни дека „процесот на уставни измени не е поврзан со мандатот на владата, туку со евроинтеграциите на државата“, чија поддршка е „должност на секоја политичка партија“.

„Нема да имаме избори во земјата наесен. Догодина ќе има избори, претседателски, па парламентарни“, кажа Ковачевски од Свети Николе, каде учествуваше на свеченоста на доделување социјални станови на 27 семејства од градот.

Слични содржини