Уставотворно собрание: За предвремени избори во Венецуела ќе одлучува комитет

од desk4
136 прегледи

Провладино законодавно тело во Венецуела одлучи да формира комитет што ќе одлучува за предвремени избори за Конгресот, со што на Владата на претседателот Николас Мадуро и се даде можност да ја преземе контролата врз телото предводено од опозицијата.

Лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо во неделата предупреди дека Уставотворното собрание ќе донесе одлука да го распушти Конгресот што тој го предводи и да распише предвремени избори, откако Мадуро повика за „нова офанзива“ против „предавниците“ во законодавниот дом.

Сепак, потпретседателот на Социјалистичката партија и лидер на Уставотворното собрание, Диосдадо Кабело, рече дека нема потреба да се распушта Конгресот, бидејќи „тој не функционира“.

– Каква било одлука за распуштање на Конгресот ќе предизвика осуда од меѓународната заедница и речиси сигурно ќе ги прекине разговорите меѓу Владата и сојузниците на Гуаидо, со посредство на Норвешка, во обидот да преговара за решение за политички ќор-сокак во Венецуела, нагласуваат аналитичари.

Во 2015 година, опозицијата освои двотретинско мнозинство во Венецуелскиот Конгрес и ја презеде контролата врз Парламентот за првпат по 16 години.

Владата на Мадуро не призна ниту една од одлуките на Парламентот, а Врховниот суд ја поништи секоја одобрена мерка.

Кабело рече дека комисијата, „во согласност со законот, Уставот и политичките околности“, ќе процени кога ќе биде најдобро време за распишување избори.

Тој им порача на опозициските пратеници: „Не одете на одмор, затоа што во следниот месец ќе го направиме вашиот живот неподнослив“.

Претходно,  Врховниот суд објави дека обвинил тројца опозициски пратеници за предавство и заговор.

Од 2018 година, судот обвини 21 пратеник за слични кривични дела, од кои двајца се во притвор, додека повеќето други или избегаа од земјата или побараа засолниште во амбасади на пријателски земји.

Изборите на Конгресот се одржуваат на секои пет години и не се предвидени пред декември 2020 година.