Претседателката на Синдикатот на културни работници, Вера Атанасовска денеска на прес-конференција информираше дека е усвоена првата тужба од серија од 800 судски постапки, кои беа поднесени во врска со донесените решенија за плати на вработените во културните институции.
Од Синдикатот потврдија дека судот утврдил повреда на правата на културните работници, донесувајќи пресуда во нивна корист поради незаконски одлуки за плати.
Од синдикатот беа поднесени над 1.000 приговори. Од нив, повеќе од 200 приговори беа усвоени од Управните одбори на институциите, додека за 800 приговори што не беа усвоени, СКРМ поведе судски постапки.
-Со оваа пресуда, Судот потврди дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесени решенија за плати и дека законитата основа мора да се почитува, рече Атанасовска.

Фото: Локално
Таа е на ставот дека со ова се потврдува дека културните работници се жртви на незаконити решенија и неправедна пресметка на платите.
-И покрај навремените предупредувања на СКРМ дека решенијата се неправно изготвени, Министерството остана глуво, а резултатот денес го кажа судот. Се потврди дека СКРМ бил во право, а одредени службеници во Министерството за култура кои преку министерот на сила ги спроведоа решенија по институциите во грешка. Истите тие службеници кои во последните две години ги кројат решенијата за плата, повторно донесоа незаконски решенија со номинални износи наместо законска формула, рече Атанасовска.
Како што посочи, од Министерството за финансии добиле официјален одговор потпишан од министерката за финансии, дека пресметките на платите во култура се изготвуваат исклучиво во Министерството за култура, додека финансии само ги одобрува нивните фискални планови.
Атанасовска повика да седнат со Министерството на маса и да се договорат за решавање на спорот и на тој начин да се избегне финансиски колапс во институциите, поточно институциите да не плаќаат огромни судски трошоци.
Б.Т.