Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со кое раководи Народната банка, а во кое членуваат претставници на сите финансиски регулатори – Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), ги усвои Основните компетенции на финансиската едукација. Со ова продолжуваат активностите за спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули минатата година.
Основните компетенции на финансиската едукација ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите коишто би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции според возраста на населението ги опфаќа финансиските компетенции за учениците од основното и од средното образование и финансиските компетенции за возрасното население. Притоа, рамката за финансиските компетенции има прогресивни елементи на компетентност и прикажува какви компетенции треба да се поседуваат на различна возраст. Прогресивниот пристап значи дека ученикот што е на возраст од петнаесет до осумнаесет години треба да ги има сите знаења во претходно дефинираните возрасни групи, како и дополнителни знаења коишто се однесуваат на таа возрасна група. Знаењето и вештините за возрасните се распоредени во две нивоа. Основното ниво ги опишува основните компетенции коишто треба да ги поседуваат возрасните, додека проширеното ниво содржи компетенции што им требаат на возрасните во зависност од нивните индивидуални потреби. Клучни компоненти на рамката за финансиските компетенции се: знаењето и вештините; ставовите; мотивациите и однесувањето. Знаењето и вештините опфаќаат осум теми од различни финасиски сегменти: 1. Пари и банкарство; 2. Приходи и оданочување; 3. Финансиско планирање; 4. Штедење и инвестирање; 5. Трошење и кредити; 6. Права и одговорности на потрошувачите; 7. Пензиска заштеда; и 8. Ризици и осигурување.
Рамката за финансиски компетенции може да ја користат различни организации и институции во земјата (финансиски регулатори, граѓански организации, приватни финансиски институции и други иниституции и организации) кои обезбедуваат финансиска едукација на различни возрасни групи од делокругот на нивното работење, или пошироко, од областа на финансиите. Сепак, рамката за финансиски компетенции не претставува конкретна наставна програма и не пропишува конкретни теми од областа на финансиското образование. Рамката за финансиски комптенции е наменета за давателите на образовни услуги во рамки на неформалното образование и се очекува давателите на финансиска едукација да ги следат дефинираните финансиски компетенции при изготвувањето на нивните едукативни програми за соодветните возрасни групи од областа на финансиите.
Основните компетенции на финансиската едукација се изработени врз основа на препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и имаат за цел да послужат како основа при изготвувањето едукативни програми за разни возрасни групи од областа на финансиите од страна на сите вклучени даватели на образовни услуги во рамки на неформалното образование.
Финансиските регулатори ги повикуваат субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остваруваат активности за финансиска едукација да се запознаат со Основните компетенции на финансиска едукација и да се приклучат кон иницијативата за координиран пристап во спроведувањето на едукативните активности за финансиска едукација во земјатa.