На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година.
Планот содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, започнувајќи од измени на постоечката легислативна рамка како основа за преземање процесни дејствија (е-маил и Е-достава) со учесниците во постапките, ИКТ алатки за судења на далечина или изведување само на некои докази на тој начин, преку обезбедување на судовите со соодветна ИКТ опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање на дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС-от, обезбедување доволно ИТ кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.
Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 судовите во Северна Македонија (27 основни судови, четири Апелациони судови, Управен и Виш Управен како и Врховниот суд), со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во Затворот Идризово.
Опремувањето на судниците за онлајн судење е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година.