Утре бесплатен влез во МСУ – Скопје по повод Светскиот ден на културното наследство

од Vladimir Zorba
144 прегледи

Во пресрет на 18-ти април, Светскиот ден на културното наследство, влезот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде бесплатен за сите посетители.

Земајќи го предвид значењето и заштитата на културното наследство, овој ден, кој се одбележува секаде низ светот, меѓудругото ја степенува и важноста во подигнувањето на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи, ставајќи акцент на младите од средношколската возраст.

Во МСУ – Скопје во тек е меѓународното 14.Биенале на млади уметници „Будења“, каде може да се погледнат дела од 38 млади уметници.

Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.

Годинашната тема „Будења“ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?. Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки.

Музејот ќе работи во своите редовни термини од 10 до 17 часот.

Слични содржини