УТРЕ ИЗЛОЖБАТА „ДЕФРАГМЕНТАЦИЈА“ ВО МСУ – СКОПЈЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОГЛЕДНЕ СО ЛИЧЕН КУСТОС ВОДИЧ

од Stefanija Kuzmanovska
218 прегледи

Утре (сабота), во 12 часот на пладне, во Музејот на современата уметност – Скопје со личен кустос водич ќе може да се погледне изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на музејот.

Ова ќе биде последна можност, кустосот Бојана Јанева да ги доближи до посетителите делата подарени од уметници од централноевропските земји, бидејќи изложбата ќе биде отворена уште само две недели.

Потоа, во 13 часот на тремот од Музејот на современата уметност со поглед на Скопје, како пропратен настан музејот организира и Матине со диџеј сет на Мирко Попов и Виолета Качакова, каде посетителите ќе можат да се подружат и да ги сумираат впечатоците од изложбата.

За најмладата публика ќе биде организирано Детско катче, каде ќе можат да цртаат потикнати и инспирирани од изложбата.

На изложбата „Дефрагментација“ претставени се дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Изложени се 96 дела од 86 уметници. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На оваа изложба која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес претставен е избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Како што велат и самите куратори, изложбата е потсетување на светската солидарност, концепт на кој се темели МСУ, а степенувањето на важноста на меѓународната соработка е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници од Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.

Слични содржини