Утре на посебни јавни седници во Апeлациониот суд, одбраната на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски ќе образложува зошто треба да им се укине притворот. Тие се зад решетки веќе десетина дена, на барање на Специјалното јавно обвинителство, кое се сомнева дека планирале бегство. СЈО се повикува на службена белешка од УБК. Одбраната демантира, јави Алсат М.

„Прво, во отсуство, без воопшто да се овозможи да се произнесат на нејавни седници се ставени во притвор. Одбраната ниту се има произнесено, ниту сме запознаени ниту со докaзот. Не постоел никаков посредник, ниту се барало амнестија од Иванов“, вели Боро Тасевски – адвокат на Јанакиески и Божиновски.
Од ВМРО -ДПМНЕ обвинуваат дека притворот е базиран на фингирана службена белешка, класифицирана како строго доверлива. Ден пред седниците на Апелација, бараат судиите да им дозволат на Јанакиески и Божиновски да се бранат од слобода.
„Како што ВМРО-ДПМНЕ и претходно изјави, раководството на ВМРО ДПМНЕ со господинот Мијалков подолго време нема комуникација и не ги знаеме деталите за неговото приведување. Меѓутоа, од она како што јавноста може да оцени, секој политички монтиран процес не смее да биде оправдан од јавноста и не смеат да се користат институциите за политички цели“, рече Димче Аровски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираат и од СДСМ: „ВМРО-ДПМНЕ како и порано и сега продолжува брутално да се меша или да има обид да се вмешува во правосудството. Нашиот став е конзистентен и е многу јасен и прецизен дека, настрана од политиката ние немаме право да се мешаме во одлуките на правосудните органи“, рече Костадин Костадинов – пратеник од СДСМ.
Откако екс премиерот Груевски избега, Мијалков е трет негов близок човек кој заврши во притвор после Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Следнава недела се очекува Апелација да закаже седница и за приведувањето на Мијалков, оти и тој се жали на изречениот триесетдневен притвор./Alsat M