Утре ќе бидат погребани починатите од кочанската трагедија, ЦУК ги објави деталите

од Nikola Popovski
131 прегледи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) ги објави саатниците со утрешните погреби на трагично загинатите граѓани во кочанската дискотека „Пулс“. Како што информираат, погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево. Останатите погреби ќе се одржат исто така во текот на утрешниот ден во различни временски периоди.

За загинатите во пожарот во дискотеката се планира колективен погреб во Кочани. Работници од општина Куманово се испратени да им помогнат на своите колеги во Кочани, каде што се прошируваат гробиштата и се копаат нови гробници за загинатите во трагедијата.

-Свештениците од локалните цркви ќе ги контактираат сите ужалени семејства со детали околу погребот, појаснуваат од ЦУК.

Исто така утре, но на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, ќе бидат погребани починатите членови на групата „ДНК“, Андреј Ѓоргиески и Сара Пројковска.

Во пожарот во дискотеката загинаа 59 лица, а најмалку 165 се повредени. Пожарот избувна во неделата на 16 март во 2 часот и 30 минути поради употреба на пиротехнички средства за време на концертот на групата.

Според досегашната истрага, дискотеката немала хидрантска мрежа и доволно противпожарни апарати, нелегално се користела пиротехника, немала законска дозвола за работа, а немало ни писмен договор меѓу организаторите и групата.

Слични содржини