Утре во 13.30 имаме средба на претставници на сите четири партии заедно со двајцата амбасадори на ЕУ и САД. Подготвувајќи ја таа средба имаме и еден датум, кој ќе биде објавен утре, но дефиниравме роковник каде ќе се движиме – рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашната емисија 24 Анализа на телевизијата 24 Вести.
– Мора да се врати спокојот, слободата, стравот да го снема, граѓанинот да биде апсолутен владетел на општеството, власта да се плаши од него, таа власт што ќе ги спроведе изборите во април. Не смееме да си дозволиме ниту повеќе, ниту помалку од признавање на полн легитимитет на власта од оној што ќе изгуби. Ние мора да дефинираме еден куп работи, за дијаспората, за изборните единици, за отворени или затворени листи…. Ако сакаме демократизација, мораме да ги завршиме тие теми – рече Заев говорејќи за преговорите.
Во меѓувреме Бриселскиот експертски извештај стаса во рацете на македонските политичари. Груевски, Заев, Ахмети и Тачи пред идната лидерска средба, која според информациите од дипломатите се очекува исто така најрано утре, а најдоцна в понеделник за да се има време детално да ги проучат препораките на бриселските експерти, пред да седнат да преговараат.