Утре почнува пописот-прекршочни глоби за граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани

од Берта Китинска
322 прегледи

Утре започнува најголемата статистичка операција во земјава.Директорот Апостол Симовски, вели дека институцијата со која раководи е подготвена да ја спроведе статистичката операција, откако заврши обуката на регионалните инструктори и попишувачи.

Лицата кои се попишуваат ќе треба да одговорат на  прашања, а дел од нив се однесуваат на верската и етничката припадност,какво државјанство поседувате и дали вашето домаќинство живее во земјата или поголемото време во странство, каков е вашиот економски статус и највисокото завршено образование, како и за тоа која е вашата професија, односно занимање, или во која дејност работите…

Министерот за правда, Бојан Маричиќ информираше за бројот на попишувачи и за тоа дали има доволен број на лица, кои ќе бидат задолжени за пописот.

-Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот. Го продолжувавме повеќе пати, а еден ограничувачки фактор е што во законот стои дека попишувачите мора да бидат невработени, односно да не бидат во постојан работен однос, така што многу малку беа заинтересирани на самиот почеток, вели Маричиќ и додава дека во некои населени места фалат попишувачи, но тие ќе бидат надоместени преку лицата кои се ангажирани преку договор на дело во институциите.

Тој предупреди дека постојат казни за граѓаните што би одбиле попишувачи.

-Нормално постојат и прекршочни мерки, односно глоби за оние кои би одбиле попишувачи, меѓутоа ние не сакаме како институција и како Влада воопшто да посегнуваме по тие методи. Сакаме да ги мотивираме и затоа и ја правиме оваа кампања, и јавно ги повикуваме граѓаните да се попишат бидејќи нема никаков интерес да не се попишат, посочи Маричиќ во гостувањето на емисијата „10 минути“.

Пописот ќе трае до 30 септември. Дотогаш ќе важи и рокот за попишување на дијаспората.

Слични содржини