Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло низ целата земја.
Во претпладневните часови на повеќе места се очекува слаб локален дожд, а во одделни котлини можна е појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд ќе има во западните делови, додека на повисоките планини во северозападниот дел од земјата врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, кој во западните региони повремено ќе биде засилен.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 5 степени, а дневните максимални ќе достигнат меѓу 11 и 18 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има магла, а ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне околу 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник, поизразени во југоисточните делови, додека на планините ќе продолжат снежните врнежи. Поради продор на постуден воздух, дождот на повисоките места повремено ќе преминува во снег. Потоа, во следните два дена се очекува претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се најавуваат од четврток.