Граѓанската организација „Стела“ повикува на протест на 18-ти септември пред главниот влез МВР во 17:30 часот и блокада пред паркот „Жена Борец“ во 18 часот, против како што велат „колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните институции“. Ова следува по двојното убисто на Росица Коцева од Велес и нејзиниот татко од страна на нејзиното поранешно момче
„Повикуваме на протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита,“ се вели во соопштението на организацијата.
Од „Стела“ нагласуваат дека фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство постојано растат и предупредуваат дека институциите не постапуваат соодветно по протоколите и законите за заштита. „Последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно,“ порачуваат од организацијата.
Во соопштението се потенцира дека покрај институционалните пропусти, голем проблем претставуваат и молкот и стереотипите во општеството:
„Вртење на главата на страна кога сме сведоци на насилство и ставот дека ‘тоа не е наша работа’ се уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира, а насилниците да продолжат да живеат слободно и да просперираат.“
„Стела“ остро реагира и за неодамнешното убиство на Росица, потенцирајќи дека тоа, како и другите случаи на брутални убиства на жени од нивни сегашни или поранешни партнери, можело и морало да биде спречено. „И покрај пријавите за насилство и заканите по живот од поранешни или сегашни партнери, напорите на сите убиени жени за да живеат безбедно и слободно не биле слушнати,“ стои во реакцијата.
Организацијата потсетува дека во последните пет години најмалку 20 жени во Македонија ги загубиле своите животи како последица на повторени епизоди на родово базирано насилство. „Во ваква средина, секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита,“ предупредуваат од „Стела“.
Обвинителството вчера објави хронологија на случувањата што му претходеле на убиството на 31-годишната Росица и нејзиниот татко. Девојката повеќепати го пријавувала својот поранешен партнер за закани и насилство.
Росица и нејзиниот татко беа убиени во семејниот дом во Велес од страна на нејзиниот поранешен партнер кој потоа се самоуби.