Утре протестна акција за хoнорарците во МТСП

од Vladimir Zorba
110 прегледи

Во петок, 6 февруари, со почеток во 11.00 синдикатите и здруженијата кои се потписници на Синдикалната повелба, други здруженија на граѓани и активист(к)и ќе организираат протестна акција. Протестната акција ќе се состои од масовно поднесување на барања за информации од јавен карактер до Министерството за труд и социјална политика во врска со големиот број нејаснотии поврзани со воведувањето плаќање придонеси за хонорарите. На оваа протестна акција ќе биде најавен и следниот протест против плаќањето придонеси за хонорарите.

1506635_1535002450112715_2692272932824914853_n

Голем број прашања и нејаснотии се отворија со воведувањето обврска за плаќање придонеси за хонорарите. Откако законските измени стапија на сила на 1 јануари 2015 година, се покажа дека власта е неподготвена да се справи со бирократските проблеми кои самата ги отвори. Самата власт ги создаде овие проблеми, но главни губитници од тоа се хонорарните работници, кои, меѓу другото се соочуваат со казни и несакани последици токму поради некадарноста на власта на јасен и конзистентен начин да објасни како тие треба да постапуваат согласно нејзините намери и хирови при воведување на овие законски измени. Власта одби да ги праша оние што се засегнати од плаќањето придонеси за хонорарите. Сега ние ќе бидеме тие што ќе ја прашаме власта за многуте дилеми што ги отвори воведувањето обврска за плаќање придонеси за хонорарите.