Утре се одржува традиционалната литија во Струга, МВР препорачува да нема групно движење зад верските лица

од Nikola Popovski
351 прегледи

Од струшката полиција денес информираа дека се преземни сите неопходни мерки за безбедносно одвивање на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржи во Струга, а во чест на празникот Свети Ѓорѓија Победоносец.

Од таму појаснуваат дека во периодот од 4 до 6 мај претставници на СВР Охрид и ОВР Струга одржале работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои им била нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски.

„Црковните претставници, кои беа во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на литијата, кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан“, стои во писмениот допис.

Се упати апел до верниците настанот да го следат од страна, без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел заштита на јавното здравје на населението од Ковид-19.

Минатата година, голем број од граѓаните сепак присуствуваа и во храмот на богослужбата, а се приклучија и кон поворката, иако митрополитот Тимотеј неколкупати од говорницата ги предупреди и апелираше да останат на едно место и со одржана дистанца од страна да ја следат поворката, која со моштите и иконата на Св.Георгиј продефилира низ градот.

Дел од присутните верници беа дисциплинирани и носеа маски, други стоеја на тротоарите и балконите, но имаше и такви кај кои воопшто не се забележуваше претпазливост, ниту загриженост поради вонредната состојба и вирусот.

Разочарување за ваквиот развој на настаните во Струга тогаш изрази и министерот за здравство, Венко Филипче.

Слични содржини