Утре на аеродромите во Скопје и Охрид нема да има полетување и слетување од 11.00 до 17.00 часот поради штрајкот на контролорите на летање. Утре и услугите за прелетите над македонското небо ќе бидат намалени за половина од редовните.
Контролорите на летање ќе направат исклучок, и со оглед дека се работи за државен интерес, ќе дозволат авионот со македонските фудбалски репрезентативци утре во 16 часот да полета навреме кон Прага, на квалификацискиот меч против Украина.
Струковиот синдикат на контролори на летање е повикан на средба во Министерството за транспорт и врски попладнево, заедно со директорите на Македонска навигација.
Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски ги демантираше изјавите на директорот Фахрудин Хамиди дека се прифатени барањата на Синдикатот на контролорите и оти е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12.10.2023 година во период од 11ч. до 17ч. во мирување.
Откако Синдикатот го најави штрајкот поради, како што информираше, „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, но завчера се одржа средба, но без позитивен исход.
Барањата на Синдикатот на контролори за летање се: подобрување на условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.