Во организација на еколошки здруженија утре во Белград ќе се одржи протест поради најавата за отворање рудник за литиум во долината на Јадар.
Протестот ќе започне во 19 часот на денот на истекот на рокот од 40 дена што еколошките здруженија и го дадоа на Владата на Србија да го усвои законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Организаторите најавија дека на протестот ќе говорат претседателот на здружението „Не дамо Јадар“ Златко Кокановиќ, Љиљана Браловиќ од Здружението на еколошки организации на Србија (СЕОС), научниот советник на белградскиот институт за хемија Драгана Ѓорѓевиќ и актерката Светлана Бојковиќ.
Утрешниот протест ќе биде последен во низата од 50 собири на граѓани кои започнаа на крајот на јуни во Србија по повод најавата за отворање рудник за литиум.
Претседателот на здружението „Не дамо Јадар“, Златко Кокановиќ, претходно изјави дека ќе организира „мирен и достоинствен“ митинг во Белград. Организаторите најавија и дека по средбата ќе организираат блокади на патиштата во Белград, но не прецизираа на кои локации.
Тие ги повикаа граѓаните да дојдат на протестот без партиски обележја.
Од друга страна, претседателот на Србија Александар Вучиќ порача дека во Србија власта секогаш ќе се бира на избори.
„Мојата порака до сите кои се уплашени и загрижени, а кои ми испратија стотици и илјадници пораки по најавите дека ќе ме избркаат преку Дрина, дека ќе научам да пливам, да трчам и бегам. Мене Србија ми е сè. Живеам за Србија. Сите овие години живеев за решавање на секој проблем во Србија. Се борев за секоја победа во спортот, културата, пред сè економијата, но и политиката. На секое место, во секој момент. И никогаш тоа не ми беше тешко“, кажа Вучиќ.
„Нема да има уривање на улиците. Во Србија власта ќе се бира на изборите. Тоа што некои замислуваат дека со насилство ќе променат нешто, нема да променат ништо. А јас да бегам или да одам на друго место, не ми паѓа на памет. Србија е местото каде што се родив. Србија е местото за кое сè дадов, која мене сè ми даде. Србија е местото каде што ќе умрам. Никогаш нема да ја напуштам. Ќе се борам заедно со вас, до крајот, за напредна и модерна Србија. Нема предавање“, порача Вучиќ.