Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија утре ќе одржи работна средба на тема „Одбележување на денот на холокаустот врз Ромите“.
Од 2017 година на 5 август во Македонија се чествува еден од најтрагичните настани и процеси во историјата на човештвото – Холокаустот што за време на Втората светска војна бил извршен врз Ромите. На овој ден во Македонија се одбележува геноцидот врз македонските Роми.
Овој геноцид врз Ромите е познат и како “заборавениот холокауст“, затоа што со децении по завршувањето, бил исклучуван од пишаната историја за Втората светска војна.
На Нирнбершките судења немало сведоци Роми. Во 1950 година, германските судии кои одлучувале по судски барања за реституција добиле насоки од Министерството за внатрешни работи на Вуртенбург дека „за време на националниот социјалистички режим, циганите не биле прогонувани од расни причини, туку поради нивните асоцијални и криминални досиеја“.
Не постојат целосно веродостојни податоци за точната бројка на ромското население пред геноцидот, па затоа проценката на бројот и процентот на лица кои изумреле е навистина тешка. Академските проценки се движат во опсегот од 300.000 до 500.000 лица.
Од 70-те години до денес, активисти и истражувачи кои се дел од поширокото движење за правата на Ромите се залагаат за признавање на овој геноцид. Во 1982 година, германските власти официјално ги признаваат кривичните дела против Ромите во текот на Втората светска војна. Триесет години подоцна, канцеларката Ангела Меркел го отвора спомен обележјето посветено на геноцидот врз Ромите во Берлин.
Б.Т.