Нема официјални податоци колку смртни случаи годишно има во Македонија како резултат на лекарски грешки. Се шпекулира дека се меѓу 600 – 2.000 годишно, што е повеќе од бројот на жртвите од сообраќајни несреќи во државава како и од починатите од природна смрт, пишува Утрински весник.

„Тоа се алармантни податоци кои, за жал, се кријат од јавноста од страна на надлежните, пред се’ од Министерството за здравство. Доколку би постоеле транспарентни и јавни извештаи во извесна мера не би се повторувале исти лекарски грешки. Тие не се секогаш последица на индивидуални пропусти, каков што беше неодамнешниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе во гевгелиската болница. Туку постојат и многу системски пропусти“, вели д-р Владимир Лазаревик од „Хелтгрупер“, истражувачка организација за реформи во разни области во здравството.
Во развиените земји, објаснува Лазаревик, постои долгогодишна практика, да се води евиденција и да се прават годишни извештаи за сите лекарски грешки во болниците кои предизвикале смрт кај пациентите. Без разлика дали станува збор за грешка на докторот, на дадената терапија или на некои други работи кои придонеле за компликација кај болните. За жал, во Македонија тоа не е случај. За негативните последици во здравството од некои лекарски интервенции, најчесто јавноста дознава преку медиумите или од блиските роднини на настраданите, и тоа најчесто кога станува збор за родилки или деца, вели Лазаревик.
Целиот текст тука