Корисниците на услугите на мобилниот оператор „Телеком“ утрово се пожалија на проблеми со прекин на телефонската мрежа, фиксна и мобилна, како и со прекин на интернетот. Според компанијата, штетата била направена од градежни работи на трети страни, што предизвикало пречки во услугите кај поголем број корисници.
Според информациите, оштетени биле кабли на различни локации.
Во моментов се соочуваме со технички пречки поради оштетени кабли на различни локации, предизвикани од градежни работи на трети страни. Нашите тимови интензивно работат на терен. Се извинуваме за непријатностите, соопштија од операторот.
Подоцна од „Телеком“ соопштија дека санирањето на вакви големи штети подразбира повеќечасовно работење на терен, но нивните тимови работат на проблемот и очекуваат за краток временски период услугите повторно да бидат достапни.