Уважена жалбата на Мојсоска: „Власта има 15 дена да ги достави патните трошоци и кириите на пратениците“

од Nikola Popovski
462 прегледи

Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска информира дека Агенцијата за заштита на правото до пристап јавни информации ја уважила нејзината жалба дека Собранието ги крие патните трошоци и кириите на пратениците.

„Ова е таа вмровско-„скандинавска“ транспарентност каде пет месеци, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска не одговара на пратеничко барање. На мојот втор обид да добијам одговор како физичко лице (преку барање за пристап до јавни информации), Собранието ми врати само вкупен износ, наместо поединечно по пратеник! Бујрумте скандинавци од власта, имате 15 дена да ги доставите трошоците на вашите галантни пратеници“, порача Мојсоска.

Пратеничката упати порака до централната власт: „Народот ви даде референдумска поддршка за да направите некоја промена, а не за да се однесувате како исфрустрирано-неизживеани насилници кои сакаат само да демонстрираат моќ“.

По барање на пратеничката група на Левица, седниците на Собранието во изминатиот период беа одложувани за еден час. Од партијата го превеа ова бидејќи сѐ уште не добиле одговор на доставеното барање во јануари во кое се бараат исплатените патни трошоци и кирии за 2024 за сите пратеници.

-Ќе добиете еден час пауза, но само да ви кажам дека сум известен јас како претседател и генералната секретарка и работиме на случајот. Знаете дека во законскиот рок ви беше одговорено. Вие баравте подетални информации. Информациите се изработуваат и ќе ви бидат доставени. Нема никаков проблем. Никој од ништо не бега, ниту се плаши, ниту се крие. Ќе ги добиете. Не разбирам зошто барате пауза, кога сакаме да работиме. Но, го почитувам вашето барање и ќе ви дадеме еден час пауза, рече собранискиот спикер Африм Гаши на 49-тата собраниска седница.