Узунов: Советниците на премиерот не се одлучувачки фактор за политиките, но можат да имаат влијание

од Vladimir Zorba
291 прегледи

Какво е чувството да се биде меѓу 12-те надворешни советници на првиот човек на Владата, откако претходно на вкупно 50 лица ангажирани на овие позиции љубезно им беше порачано дека нивните знаења и искуство можат да бидат искористени во некои други структури, „Локално“ разговараше со универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Препознатлив по својата воздржаност и резервираност, Узунов се дистанцира од првични проекции за квалитетот на резултатите кој се очекува од новиот тим.

„За тоа колку овој состав на советници ќе биде добар, ефикасен и соодветен, да оставиме да видиме што ќе покаже времето“, вели професорот од Правниот факултет кој е назначен за надворешен советник за Берлинскиот процес.

Времето како суштински фактор го посочува и во однос на „тежината“ на влијанието на надворешните советници врз носењето на ефикасни и соодветни одлуки од страна на Владата.

„Советниците не се одлучувачки фактор за политиките, но (можат да) имаат влијание, па ќе видиме со тек на времето што и како ќе се одвива“, посочува Узунов.

Повеќе одговори во понатамошниот период најавува и во однос на предизвиците коишто ги очекува во текот на регионалната интеграција и макотрпниот долг пат на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

„Во однос на регионалната интеграција и моето учество и евентуален придонес во тоа, јас таа работа ја работам веќе неколку години, што значи дека ова всушност претставува продолжување на активностите“, објаснува Узунов.

Колку за потсетување, регионалната соработка, Берлинскиот процес и скринингот и подготовките за почеток на преговорите со ЕУ, беа дел од рамките на советовната улога на Узунов за време на мандатот на премиерот Заев. Оттука, според него, одговорите на прашањата во насока на мерливиот капацитет на досега сработено, треба да бидат предмет на посеопфатна анализа.

„За тоа колкави се постигнувањата и извршеноста на активностите во регионалната интеграција на РСМ кои секако не се мали – како и за тоа кои се причините за тоа, потребен е многу подолг разговор од една-две реченици“, истакнува тој.

Узунов, инаку поранешен потпретседател на СДСМ беше ангажиран како надворешен соработник за економски прашања во кабинетот на претходниот премиер Заев до 2019. Тогаш тој за медиумите изјави дека на негово барање, договорот бил раскинат и дека за тоа нема посебна причина. Области на негова посебна специјалност се конкурентноста на македонската економија, економика на правото и процесот на европската интеграција на Македонија.

К.В.С.

Слични содржини