В петок повторно бојкот против поскапувањата: Дали трговците конечно ќе ја сфатат пораката?

од Илинка Илиоска
105 прегледи

Регионалниот бојкот на маркетите се обновува во петок, 7 февруари, како одговор на високите цени, а покрај Хрватска, овој пат се очекува да се вклучат и Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

Платформата „Ало, инспекторе“ најави дека освен еднодневниот општ бојкот, од сабота ќе започне и седумдневен бојкот на еден малопродажен синџир, чиј избор ќе го одредат граѓаните преку анкета на социјалните мрежи.

Според советникот на платформата, Јосип Келемен, граѓаните побарале да се продолжи со протестните активности, бидејќи трговците не ја сфатиле пораката од претходните два бојкота.

Во Хрватска денеска завршува седумдневниот бојкот на три трговски ланци – Лидл, Еуроспин и ДМ, како и на три вида производи: флаширана вода, газирани пијалоци и детергенти.

Како одговор на притисокот, хрватската влада одлучи да го прошири списокот на производи со ограничени цени од 30 на 70 артикли. Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека државата презела мерки, но дека и трговците треба да покажат одговорност, бидејќи „никому не би му наштетило умерено намалување на цените“.

Во меѓувреме, се зголемува бројот на граѓани во пограничните области на Хрватска кои одлучуваат да купуваат во Словенија и Италија, каде што цените на многу производи се пониски.

Слични содржини