Светската антидопинг агенција (ВАДА) упати покана до Антидопинг агенцијата на Соединетите држави (УСАДА) со желба подобро да го заштити чистиот спорт во Соединетите Американски Држави поради, како што рече, зголемената загриженост за спортистите кои доаѓаат од таа земја на големи натпревари без да биде соодветно тестирана.
Според писмото на ВАДА, до кое „Ројтерс“ имаше пристап во понеделникот, а кое минатиот петок беше испратено на адреса на претседателот на управниот одбор на УСАДА, Тоби Смит, дури 90 отсто од сите (!) спортисти во Соединетите држави се натпреваруваат надвор од заштитата на анти-допинг кодексот.
ВАДА соопшти дека добила писмо во јули во име на 32 национални и регионални анти-допинг организации од Европа, Азија и Африка, кои се загрижени дека САД испраќаат спортисти на големи настани како што се Олимписките игри и Светските првенства без доволно тестирање.
„Секако дека е време да се решат овие прашања кои директно ги засегаат УСАДА и американските спортисти“, се вели во писмото до Американската антидопинг агенција, во кое се повикува на реформи во антидопинг системот во САД, особено кога станува збор за универзитетски спортови.
Во писмото, исто така, се цитираат коментари на извршниот директор на УСАДА, Тревис Тајгарт, кој, говорејќи пред Комитетот за трговија на американскиот Сенат во февруари 2020 година, изразил загриженост дека странските спортисти би можеле да дојдат во Соединетите држави на „допинг одмор“ поради „прилично слабата анти-допинг програма во NCAA“.
„Треба да биде длабока загриженост за УСАДА што толку многу елитни спортисти се натпреваруваат во американски систем кој не успева да ги заштити нивните интереси, нивните перформанси и, на крајот, нивното здравје“, напиша ВАДА.
„Сигурни сме дека сте ужаснати кога дознавате дека врвните странски спортисти можеби земаат „допинг-одмор“ на американско тло.
Во своето писмо, ВАДА, исто така, ги наведе бројките објавени од Олимпискиот и Параолимпискиот комитет на САД дека 75 отсто од американските спортисти кои се натпреварувале во Париз поминале низ колеџ системот.
„Тоа се три четвртини од американските олимпијци, кои во еден момент беа дел од елитниот систем, кој работи далеку под глобално признатиот стандард за чист спорт“, се наведува во писмото.
ВАДА долго време смета дека американските колеџи и професионални спортови мора да го препознаат антидопинг кодексот и го сметаат за „црна дупка“, со нецелосни тестирања и казни кои често се обвиткани во тајност.
УСАДА го нарече писмото „обид за одвраќање“ пред целосниот извештај на швајцарскиот обвинител Ерик Котилие за случајот со 23 кинески пливачи кои беа позитивни на забранети супстанции и им беше дозволено да се натпреваруваат на Олимписките игри во Токио.
Во јули, Котилие, кој беше избран од глобалната антидопинг агенција, откри дека ВАДА не постапила погрешно и не покажала фаворизирање во случајот со кинеските пливачи. Пливачите беа ослободени откако кинеската истрага покажа дека биле ненамерно изложени на триметазидин, лек кој го зголемува протокот на крв во срцето, преку контаминација.
Како одговор, УСАДА во соопштението рече дека ВАДА е „исплашена“ и се обидува да ја „одврати приказната од својот флагрантен неуспех да ја заврши својата работа“ како глобален регулатор во справувањето со случајот со кинеските пливачи.
„Ако раководството на ВАДА се грижеше да ги разгледа сите податоци, не само деловите што служат за нивната агенда, би знаеле дека 100% од американските спортисти на NCAA кои се натпреваруваа на Олимписките игри во Париз беа тестирани од УСАДА во 2024 година“, рече Тајгарт.