На началникот на руските платеници, Евгениј Пригожин му било кажано дека неговата група „Вагнер“ повеќе нема да се бори во Украина бидејќи одбил да потпише договори за ставање на своите платеници под контрола на Министерството за одбрана, изјави во четвртокот истакнат член на рускиот парламент.
Генерал-полковник Андреј Картаполов, влијателен пратеник кој претседава со комисијата за одбрана на Думата, рече дека поттик за бунтот во саботата е несогласувањето на Пригожин со барањето на Министерството за одбрана членовите на неговата платеничка група да потпишат договори со Министерството за одбрана.
„Како што знаете, неколку дена пред обидот за пуч, Министерството за одбрана соопшти дека сите формации кои извршуваат борбени задачи мора да потпишат договори со Министерството за одбрана“, рече Картаполов. „Сите почнаа да ја спроведуваат оваа одлука… Сите освен г-дин Пригожин“, додаде тој.
На 11 јуни, Пригожин рече дека членовите на Вагнер нема да потпишат никаков договор со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, додавајќи дека Шојгу не е способен да управува со воените единици. Картаполов рече дека откако Пригожин одбил да ги потпише договорите, му било кажано дека неговите платеници повеќе нема да се борат во Украина и затоа нема да добиваат државни пари. После тоа, Пригожин извршил предавство поради „преголеми амбиции“, пари и, како што рече, „возбуда“.
Пригожин доби егзил во Белорусија поради откажување од бунтот, со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, додека руските власти се откажаа од кривично гонење за започнување на бунтот.
Летонскиот премиер Крисјанис Каринс во четвртокот на Твитер предупреди дека давањето егзил на Пригожин во Белорусија претставува ризик за Европа.
„Таа закана веројатно нема да биде фронтална воена, туку закана од обид за инфилтрација во Европа за непознати цели“, рече Каринс.
Каринс рече дека непознат број високо обучени платеници на Вагнер се очекува да му се придружат на шефот на Вагнер во земјата што се граничи со Латвија по неуспешниот бунт во Русија.
„Гледаме се што се случува во Белорусија“, рече Каринс, повикувајќи на зголемена безбедност на надворешните граници на Европската унија.