Вагнер престанува да регрутира затвореници за војната во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
136 прегледи

Евгениј Пригожин, основачот на руската платеничка група Вагнер, денеска изјави дека ќе престане да регрутира затвореници да се борат во Украина, пренесува „Ројтерс“.

„Регрутирањето затвореници во приватната воена компанија Вагнер целосно е запрено“, рече Пригожин како одговор на барањето за коментар на руските медиуми.

„Сега ги исполнуваме сите наши обврски кон оние кои работат за нас“, рече тој во одговорот објавен на социјалните мрежи.

Според „Ројтерс“, групата Вагнер почнала да регрутира затвореници во рускиот казнен систем во летото 2022 година, а Пригожин, угостителски претприемач кој отслужил девет години затвор за време на Советскиот Сојуз, им понудил на осудените помилување доколку преживеат шест месеци во Украина.

Групата не објави информации за тоа колку осуденици се приклучиле во нејзините редови, но податоците од руската казнена служба објавени во ноември покажаа дека бројот на затвореници во земјата се намалил за повеќе од 20.000 меѓу август и ноември, што е најголем пад во последната деценија.

Според бројките објавени во јануари, тој пад во голема мера е запрен.

Во декември, „Ројтерс“ објави дека американската разузнавачка заедница верува дека Вагнер има 40.000 осудени борци распоредени во Украина, огромно мнозинство од персоналот на групата во земјата.

Групата Вагнер играше сè поважна улога во руската војна во Украина во последните месеци, а платениците го предводеа повеќемесечниот напад на градот Бахмут во регионот на Доњецк.

Слични содржини