Кирил Буданов, шефот на воената разузнавачка служба на Украина, изјави дека за време на бунтот „вагнерците“ стигнале до нуклеарната база во регионот Воронеж, но не можеле да влезат внатре.
Додека бунтовничките сили на Вагнер се движеле кон север кон Москва на 24 јуни, контингент од воени возила се свртел кон исток на автопатот во правец на утврдената база на руската армија во која има нуклеарно оружје, според видеата објавени на Интернет, како и сведочењата на локалните жители, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на изјавата на Буданов.
Во базата Воронеж-45 има мали нуклеарни уреди кои можат да се сместат во ранец. Буданов вели дека платениците сакале да ги зграпчат за да го „кренат влогот“ на бунтот, но не можеле да ги отворат вратите на нуклеарната постројка.
Извор на Ројтерс близок до Кремљ и поврзан со војската делумно ги потврди зборовите на Буданов. Тој вели дека Вагнер „успеал да влезе во зона од посебен интерес, поради што Американците се загрижиле бидејќи таму се складирало нуклеарно оружје“.
Друг извор рече дека овие настани предизвикале загриженост во Кремљ и служеле како поттик за преговори со посредство на Лукашенко.