Известувачот на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц изразил надеж дека по локалните избори ќе бидат „направени потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство“. Според него, тоа е со цел откочување на евроинтеграциите на земјава.
Во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е и Медиумската информативна агенција (МИА), Вајц вели дека усвојувањето на уставните измени ќе го отвори патот за вистински почеток на преговорите.
„Земјата сега е опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“, рекол, меѓу другото, Вајц.
Европскиот парламент во јули годинава со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година. Меѓутоа, во конечната верзија на текстот се отстранети сите референци за „македонскиот јазик и идентитет“, кои претходно беа вклучени во нацрт-верзијата усвоена од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ).
Известувачот за земјава во Европскиот парламент, тогаш по гласањето изјави дека некои бугарски европратеници го киднапирале извештајот за домашни политички цели.
„Како известувач, работев неуморно за избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја. За жал, некои бугарски европратеници го киднапираа извештајот за домашни цели“, рече Вајц по гласањето.