„Во С.Македонија гледаме големо странско влијание. Мора да се бориме против него, без разлика дали е српско, кинеско или руско“ – ова го изјавил известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, пренесува „БГНЕС“. Тој нагласил дека Извештајот го содржи условот за промена на Уставот и вклучување на бугарското малцинство.
„Извештајот ги истакнува говорот на омраза и злосторствата од омраза, потребата од владеење на правото и борбата против корупцијата“, рекол Вајц, објави бугарската новинска агенција.
Вајц исто така порачал дека Македонија треба брзо да ги почне преговорите, оти напредува и е доверлив партнер на ЕУ, иако нејзиниот интегративен пат е обременет со прашања поврзани со историјата.
„С. Македонија некогаш беше лидер кога ја почна евроинтеграцијата заедно со Словенија. Каде е сега Словенија, а каде е Македонија? Имаше пречки. Пречки поврзани со историјата, со војни во минатиот век, со градење добри добрососедски односи, кои треба да се градат од двете страни“, кажал Вајц во Стразбур.