Вајгл за „Мета“: Бојкотот на СДСМ може да биде сериозен удар за европската иднина на Македонија

од Vladimir Zorba
74 прегледи

Одлуката на водечката македонска опозициска партија СДСМ да не учествува на предвремените парламентарни избори на 5 јуни може да претставува сериозен удар не само за процесот на демократизација на земјата, туку и на нејзината стабилност и на нејзината европска иднина во целост, изјави за „Мета“, европратеникот и специјален известувач за Македонија, Иво Вајгл.

Ivo-Vajgl

– Обвиненијата за неправилности, недостигот на транспарентот и одложувањето на имплементирањето на Договорот од Пржино треба сериозно да се разгледаат – оцени Вајгл.

Европратеникот сепак оцени дека не е доцна за да се создадат услови, кои ќе овозможат сите да учествуваат на изборите закажани за 5 јуни.

– Без разлика, се уште има доволно време за да се имплементираат некои од важните реформи и мерки со цел да се исполнат барањата на сите учесници во изборниот процес и за да се однесе земјата во понапредно ниво на демократија – рече Вајгл.

Специјалниот известувач оцени дека последните настани во земјата сериозно ја загрозуваат евроатлантската иднина.

– Европската комисија и Европскиот парламент, заедно со претставниците на САД вложија големи напори за да осигураат дека претстојните избори ќе и дадат шанса на земјата за нов почеток на патот кон евроатлантските интеграции. Оваа шанса сега може да биде пропуштена поради недостиг на волја, одговорност и подготвеност да се направи компромис во интерес на државата – заклучува Вајгл./извор Мета