Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, кои посредуваат меѓу претставници на македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со цел надминување на политичката криза во земјата, денеска реагираа и на нападот во Куманово.
– Длабоко сме загрижени во врска со настаните што се случија во Куманово овој викенд. Ние ги осудуваме сите акти на насилство против јавниот ред и обидите да се дестабилизира ситуацијата во земјата. Ние би сакале да го изразиме нашето најдлабоко сочувство до семејствата на луѓето кои ги загубија своите животи овој викенд. Овие настани треба да бидат соодветно и транспарентно истражени во согласност со владеењето на правото и ја замолуваме македонската јавност да не се дозволи понатамошна ескалација на тензиите, се посочува во заедничката изјава на европратениците.
Вајгл, Кукан и Ховит ги повикаа и политичките лидери во земјата “да се однесуваат одговорно и да се воздржат од акции или изјави кои може да ја поткопаат стабилноста на земјата”. Тие уште еднаш повторија и дека сите обвинувања за злоупотреби кои беа објавени во јавноста треба да бидат темелно истражени и оние кои ќе се најдат како одговорни дека треба да бидат повикани на одговорност за своите постапки, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност. Европратениците ги повикаа и политичките партии да ги забрзаат нивните напори и да се вклучат сериозно во политичкиот дијалог на највисоко ниво, со цел да се реши политичката криза во земјата.
