Вака може да изгледа Реал на иднината

од Vladimir Zorba
420 прегледи

РЕАЛ МАДРИД го потврди доаѓањето на Орелиен Чуамени, францускиот играч за врска од 100 милиони евра кој пристигна од Монако. Веќе е познато дека мадридскиот клуб го доведе Антонио Рудигер како слободен играч по истекот на договорот со Челси.

Имајќи ги предвид годините на клучните играчи како Лука Модриќ (36), Карим Бензема (34), Тони Крос (32), Дани Карвахал (30) и Касемиро (30) и заминувањата на Герет Бејл, Марсело и Иско, и често повредениот Еден Азар, шпански „АС“ се позанимава со иднината на европскиот великан.

„Иднината на Реал е веќе тука. Со доаѓањето на Чуамени, практично се е јасно во следните шест сезони. Има цврста основа со само два прашалници”, пишува „АС“, наведувајќи ги Тибо Куртоа, Едер Милитао, Рудигер, Давид Алаба, Чуамени, Федерико. Валверде, Едуардо Камавинга, Родриго и Виничиус како подготвени да бидат дел од стартната постава.

Сомнителни две позиции

Две позиции се сомнителни. Сагата околу доаѓањето на Килијан Мбапе од ПСЖ заврши на неповолен начин за Реал и неговиот претседател Флорентино Перез. Французинот остана во парискиот клуб, додека другата мета Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд замина во Манчестер Сити.

Бензема можеби одигра фантастична сезона вредна „Златната топка“, заменувајќи го Кристијано Роналдо како најголема ѕвезда на клубот, но неговата возраст сугерира дека треба да се најде ново име. Слична е ситуацијата и со Карвахал на позицијата десен бек, иако не толку истакната, пишува „АС“.

Некои од младите, претходно споменати играчи веќе се докажаа. Тројцата тенори, како што Карло Анчелоти ги нарече Крос, Модриќ и Касемиро, би можеле да ги заменат Чуамени, Камавинга и Валверде во средината. Модриќ го продолжи договорот со Реал на една година, исто како и Крос, додека Касемиро е врзан до 2025 година, што значи дека се уште се смета на него.

Виничиус е најголемата ѕвезда

Рудигер би можел да започне како стартен стопер со, на пример, Милитао, додека Алаба би можел да се врати на позицијата лево крило, каде Реал го има и Ферланд Менди.

Куртоа на 30 години, што не е премногу за голман, е несомнена единица.

Според „АС“, Родриго и Виничиус треба да ги задржат своите крилни позиции и да го поддржат главниот напаѓач – било да е тоа Бензема во следните неколку сезони или некој друг.

Во моментов Виничиус се чини дека е најголемата ѕвезда на идниот Реал.

Слични содржини