Вакцина против корона за деца под 12 години: Фајзер достави податоци до ФДА

од Nikola Popovski
318 прегледи

Фармацевтската компанија „Фајзер“ поднела податоци до американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за истражување на ефективноста на нејзината вакцина за деца, наведувајќи дека очекува наскоро да побара одобрение за употреба на својот производ.

Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек објавија дека очекуваат дека „во наредните недели“ ќе побараат одобрување за итна употреба на нивната вакцина за деца на возраст од пет до 11 години. Компаниите исто така планираат да достават податоци до Европската агенција за лекови и други регулаторни тела.

Вакцината на Фајзер во две дози во моментов е одобрена за употреба кај луѓе постари од 12 години. Се проценува дека околу 100 милиони луѓе во САД се целосно вакцинирани со таа вакцина, покажуваат податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Фајзер тестирала помала доза како вакцина за деца.

Компанијата минатата недела рече дека научниците откриле дека вакцината кај децата развива исто ниво на антитела за борба против коронавирусот, како што развива редовната доза кај тинејџерите и помладите луѓе.

Шефот на ФДА, Питер Маркс, изјави за АП претходно овој месец дека кога Фајзер ќе им ги достави резултатите од својата студија, агенцијата очекува да ги разгледа во рок од неколку недели за да одлучи дали тие се доволно безбедни и ефикасни за помалите деца.

Друг американски производител на вакцини Модерна, исто така, спроведува студија за примена на нивниот производ за деца од училишна возраст, а резултатите се очекуваат подоцна оваа година.

Слични содржини