Вакцината против коронавирусот „ЕпиВакКорона“ се карактеризира со едноставни услови за складирање и транспорт, изјави за „Спутник“ прес-службата на Федералната служба за фитосанитарен надзор на Русија (Роспотребнадзор).
Во соопштението се посочува дека вакцината се чува и транспортира на температура од 2 до 8 Целзиусови степени.
Вакцината „ЕпиВакКорона“ има прилично висока стабилност, опсегот на температури оптимални за складирање и транспорт на вакцината одговара на оној препорачан за лиофилизирани препарати, прецизира прес-службата.
Роспотребнадзор исто така изјави дека првите пет доброволци постари од 60 години ја примиле првата доза на вакцината.
„На 21 ноември 2020 година, првата доза на вакцина ЕпиВакКорона ја примија првите пет волонтери меѓу учесниците во клиничкото испитување по регистрацијата во група од 150 лица над 60 години“, се вели во соопштението.
Претходно, доцент на Одделот за меѓународен бизнис на Универзитетот во Ворвик и експерт за фармацевтска индустрија Ајфер Али изјави дека вакцината против коронавирусот, развиена од британската фармацевтска компанија „Астра Зенека“ и истражувачи од Оксфорд, ќе биде подостапна за населението, поради едноставните услови за складирање и транспорт.
Да потсетиме, во октомври, претседателот на Русија, Владимир Путин, објави регистрација на втората руска вакцина против коронавирусот, која е развиена од Државниот научен центар „Вектор“, и која беше наречена „ЕпиВакКорона“.