Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се препорачува и во земјите каде циркулираат позаразни варијанти на коронавирусот, соопштија во средата експертите од Светската здравствена организација (СЗО).
Стратешката советодавна група на експерти за вакцинација при СЗО ги објави своите препораки за употреба на вакцините изработени од американската фармацевтска компанија „Џонсон и Џонсон“ по состанокот во понеделникот.
СЗО во петокот ја одобри вакцината против ковид-19 на „Џонсон и Џонсон“.
„Ја препорачуваме нејзината употреба во земјите каде е забрзано ширењето на варијантите и во земјите каде што имаме информации за употреба на оваа вакцина за контрола на САРС-КоВ-2 која ги предизвика овие варијанти“, рече Алехандро Карвиото, претседател на експертската група на СЗО за вакцинација.