Компанијата „Модерна“ и нејзините партнери започнаа со дистрибуција на својата вакцина против Ковид-19 и очекува утре камионите да се упатат на повеќе од 3.700 локации во САД, изјави денеска американскиот генерал Густав Перна.
Втората вакцина против Ковид-19, која беше одобрена од американските регулатори, треба да стигне најрано во понеделник во здравствените установи, посочи Перна, кој е шеф на владината програма за развој на вакцината, објави Гласот на Америка.
Тој додаде дека САД се на пат да обезбедат доволно дози на вакцини „Фајзер“ и „Модерна“ за да вакцинираат 20 милиони луѓе до крајот на годината, но дека нивната испорака може да продолжи во првата недела од јануари.
Администрацијата за храна и лекови (ФДА) даде зелено светло за итна употреба на вакцината на „Модерна“ во петокот.
Одлуката на ФДА се заснова на резултатите од студијата во која учествуваа 30.000 волонтери и откри дека во скоро 95 проценти од случаите е ефикасна во спречување на Ковид-19, без сериозни грижи за безбедноста на вакцинираните лица.