Министерството за здравство денеска соопшти дека во главниот пункт за вакцинација во арената „Борис Трајковски“, нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин.
-Вакцинирање без закажан тремин, ќе има во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот. За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот Мој Термин, информираат во МЗ.
Од таму додаваат дека во арената „Борис Трајковски“ ќе продолжи само ревакцинацијата на граѓаните.
-Министерството за здравство апелира до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Овие месеци се одличен период кога бројките на новозаразени и хоспитализирани се намалени, достапноста на вакцините е голема. Апелираме до сите граѓани да дојдат и да се вакцинираат, стои во соопштението.
-Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 417.141 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.751 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.213 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 662.372 дози вакцини, а ревакцинирани се 245.231 граѓани, објавија вчера од МЗ.
Досега во земјата се направени вкупно 906.529 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.783, бројката на оздравени пациенти е 150.124, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 172.