Бугарија планира да започне со вакцинирање граѓани против коронавирусот на 27 декември во три големи градови – Софија, Варна и Бургас, објави денеска главниот здравствен инспектор во земјата, Ангел Кунчев.
Кунчев рече дека камиони со вакцини се очекува да ја напуштат Белгија кон сите земји-членки на ЕУ на 24 декември и дека се проценува дека серијата наменета за Бугарија ќе пристигне во таа земја на 25 декември навечер или на 26 декември наутро, пренесе Ројтерс.
– Подготвени сме и ќе започнеме со вакцинирање следниот ден, 27 декември, во болниците во Софија, Варна и Бургас – рече Кунчев за телевизијата БНТ.
Тој додаде дека првата група вакцини произведени од „Фајзер“ и „Бајонтек“ ќе се состојат од 10.000 дози, но нагласи дека Бугарија се очекува да добие уште 57.000 дози во јануари, па дури и поголеми пратки од февруари.
Како и другите членки на ЕУ, Бугарија чека Европската агенција за лекови да ги одобри вакцините на „Фајзер“ и „Бајонтек“. Агенцијата се очекува да го стори тоа утре, 21 декември.