Вакцинирање наместо фудбал: Мадрид започна со имунизацијата на стадионот на Атлетико Мадрид

од Nikola Popovski
250 прегледи

Додека Шпанија се придвижува кон зајакнување на кампањата за вакцинација, Мадрид во четвртокот го инаугурираше масивниот фудбалски стадион „Ванда Метрополитано“ како ново здравствено место во борбата против КОВИД-19.

Стадионот, кој има капацитет од скоро 70.000 седишта, е дом на фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид. Тој ќе биде наменет за вакцинирање седум дена во неделата, наутро и навечер, со цел да се инјектираат до 10.000 вакцини на ден до април.

Во четвртокот, додека медицинските сестри вакцинираа работници под 55 години со вакцината АстраЗенека, целите беа поскромни. Само 1000 луѓе требаше да ја примат вакцината.

„Ќе мораме да одиме вакцина по вакцина“, рече регионалната претседателка на Мадрид, Изабел Дијаз Ајузо, за време на првиот ден од вакцинацијата, повикувајќи се на „натпревар по натпревар“ – мантрата на тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Во меѓувреме, шпанската министерка за здравство беше во северниот регион на Галиција, во посета на друга локација поврзана со вакцините против КОВИД-19. Каролина Даријас имаше обиколка на фабриката, наменета за производство на вакцината „Новавакс“, за која рече дека е на пат да биде одобрена до април откако ќе го заврши клиничкото испитување во третата фаза.

„Ова ќе ѝ даде на Шпанија огромен скок напред“, рече таа.

Досега, Шпанија вакцинираше 1,2 милиони луѓе од вкупно 47 милиони во земјата, кои ги добиле целосните две дози. Вкупно, земјата доби 4,5 милиони дози од Фајзер / Бионтек, Модерна и АстраЗенека.

Во четвртокот, земјата го забележа својот трет последователен ден со помалку од 10.000 нови инфекции со коронавирус.

Министерството за здравство извести за 9.568 нови случаи со коронавирус и уште 345 починати, со што официјалниот број на жртви достигнал бројка од 68.813 лица.

Слични содржини