Првите вакцини од компанијата Фајзер, кои Македонија ги набави преку Србија, денеска пристигнаа во земјава, а министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност што северниот сосед отстапил дел од нивните вакцини. Тој кажа дека вакцинацијата против ковид-19 во Македонија ќе почне в среда, а први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар во Скопје.
„Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, изјави Филипче.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението, информираше министерот. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Од Министерството за здравство информираа дека преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 луѓе. Од нив 4000 се здравствени работници. 2000 се во Скопје, а останатите се во другите градови. Пред четири дена беше пуштена во функција и веб-страницата на која може да се пријават граѓаните за вакцинирање.