Вакцинирани со две дози може да го донесат вирусот дома, покажува ново истражување

од Vladimir Zorba
1,5K прегледи

Имунизираните со двете дози на вакцината против коронавирус може да ја пренесат на оние со кои живеат, предупредуваат експертите кои проучувале случаи на инфекција во британските домаќинства.

Поединците кои ги примиле двете дози може да бидат заразни исто како и оние кои не биле вакцинирани.

Околу двајца од пет (38 проценти) го пренесуваат вирусот во своето домаќинство, дури и ако имале само благи симптоми или воопшто немале.

Процентот паѓа на 25 проценти доколку и членовите на нивното семејство се вакцинирани со две или три дози од вакцината.

Студијата на магазинот „Лансет“ дополнително покажува колку е важно луѓето да бидат вакцинирани и заштитени, велат експертите.

Невакцинираните лица можат да се потпрат на луѓето околу нив да се вакцинираат и со тоа да го намалат ризикот за нив, додаваат тие.

Вакцините покажаа одлични резултати во спречувањето на потешка клиничка слика и смрт поради инфекција со коронавирус, но се помалку добри во спречувањето на самата инфекција, особено по ширењето на видот Делта, кој е најзастапен во Британија.

По некое време заштитата од вакцината се намалува и потребно е да се прими уште една доза.

Со оглед на тоа што домаќинствата се местата каде што вирусот најмногу се пренесува, се чини разумно да се осигураме дека секој што може да се вакцинира навреме може да ја прими вакцината, посочуваат експертите.

Истражувањето беше спроведено од септември 2020 до септември 2021 година, а учествуваа 440 домаќинства од Лондон и Болтон и беа тестирани со PCR тестови.

Заклучоци од истражувањето:

* Вакцинираните со двете дози имаат помали, но сепак постоечки шанси да се заразат со видот Делта во споредба со невакцинираните

* Се чини дека се подеднакво заразни како и невакцинираните

* Вакцинираните луѓе закрепнуваат побрзо, но степенот на инфекција е сличен на оние кои не ја примиле вакцината

* Ова може да објасни зошто вакцинираните луѓе сè уште често го пренесуваат вирусот во нивните домаќинства

„Пренесувањето на вирусот од вакцинираните лица што ги имаме во моментов укажува дека е клучно невакцинираните да ја добијат вакцината и да се заштитат од инфекција и добивање тешка клиничка слика.

Ова особено важи за претстојните зимски месеци, бидејќи луѓето ќе поминуваат повеќе време во затворени простории“, вели Аџит Лалвани, професор на Кралскиот колеџ во Лондон, кој беше еден од водачите на истражувањето.

„Откривме дека подложноста на инфекција се зголемува неколку месеци по примањето на втората доза, така што на сите им се советува да примат засилена доза што е можно поскоро“, додаде тој.

Резултатите од истражувањето даваат важен увид во ефектите од вакцинацијата поради појавата на нови соеви на вирусот и особено објаснуваат зошто расте бројот на заразени со видот Делта во светот, дури и во земјите со голем број вакцинирани, изјави Аника Синганајагам.

„Сè уште е важно да се спроведат здравствени и социјални мерки за борба против ширењето на инфекцијата, како што се носење маски, физичко растојание и тестирање, дури и за вакцинирани луѓе“, објасни таа.

Слични содржини