Фудбалерите на Холандија изразија жалење за изненадувачкиот пораз од Австрија со 2:3. Тој резултат ги испрати „лалињата“ на третото место во нивната група на ЕП 2024.
„Натпреварот го започнавме слабо. Особено во контролата на топката и дуелите. Ни недостигаше енергија и заостанавме во планот за игра. Разговаравме на полувремето и сите се согласивме дека не е во ред да се игра така на ваков турнир. Во овој момент немам објаснување. Ако сакаме да постигнеме нешто на ЕП 2024, ќе мора многу брзо да го промениме нашиот пристап. Сите сме виновни за моменталната ситуација“, изјави капитенот на „лалињата“ Вирџил Ван Дијк.
Своето разочарување од неочекуваниот пораз го изрази и стрелецот Коди Гакпо.
„Не сум задоволен. Имавме тешки зборови со тренерот и другите играчи. Ни недостигаше енергија. Не почнавме доволно свежи и енергични. Воопшто не излеговме да играме фудбал, работите во вториот дел се променија, но тоа не беше доволно“, рече тој.